Top Sport

Германија нема право на кикс, Шпанците во лов на првата победа

Денес, на Европското првенство, ќе биде комплетирано третото коло во фазата по групи. На програмата е еден натпревар во Е-групата и два во најтешката група на првенството, Групата Ф.

Програмата ќе ја отворат Унгарија и Франција на „Пушкаш арена“, во Будимпешта. Унгарците, во првото коло, храбро се држеа против актуелните европски шампиони. Имаа 0:0 до 84.минута, на крајот Португалија победи 3:0.

Французите, во дербито, ја победија Германија со 1:0.

Светските шампиони се апсолутни фаворити во дуелот со Унгарија, резултат кој нема да биде во корист на Франција ќе биде вистинска сензација. Јасно е дека Франција ќе се обиде во раната фаза да го реши натпреварот, за да не се најдат во ситуација во која беа Португалците.

Традицијата, кога играат во Будимпешта е настраната на Унгарија, но тоа беа некои други времиња, кога унгарскиот фудбал беше во самиот врв.

Франција, има само една победа во Будимпешта, од девет одиграни натпревари, во пријателски натпревар во 1990 година.

Во оваа, Ф-група, од 18 часот, во Минхен, ќе играат Германија и Португалија.

Германија не смее да си дозволи пораз, Португалија ќе биде задоволна и со еден бод. Традицијата е на германска страна, имаат десет победи на 13 одиграни натпревари. Германците победиле на последните четири соочувања со Португалија. Последен пат играле на СП во Бразил во 2014 година, дуелот заврши со победа на Германија 4:0.

Добра вест за Германија е и што Роналдо не постигнал гол на тие последни четири натпревари.

Денот ќе го затворат Шпанија и Полска. Дуелот се игра од 21 часот на „Картика“ во Севилја.

Шпанија, првенството го отвори со 0:0 против Шведска. Иако доминираа, Шпанците, во 90.минути не успеаја да ја скршат Шведска. Полјаците, првенството го отворија со пораз од Словачка 1:2.

Во тимот на Шпанија се врати капитенот Серхио Бускетс, но прашање е дали ќе игра, додека Полјаците ќе бидат без Криховијак, кој доби црвен картон против Словачка.

Scroll to Top