Top Sport

Гибралтар ќе биде домаќин во Португалија

Фудбалската репрезентација на Гибралтар, како домаќин во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година ќе ги игра во португалскиот град Фаро, објави Фудбалскиот сојуз на оваа земја (ГФА).

Одлуката беше донесена по истекот на специјалното овластување на УЕФА со кое се дозволува Гибралтар да игра на својот стар стадион „Викторија“.

„Градежните работи на стадионот „Викторија“, кој моментално собира 5.000 гледачи, ќе започнат во втората половина на 2023 година“, се вели во соопштението.

Од септември 2018 година, Гибралтар ги игра своите официјални меѓународни натпревари на домашен терен на стадионот „Викторија“, со посебна дозвола од УЕФА.

УЕФА и овозможи на земјата да игра на својот стадион иако одредени предуслови не беа исполнети „особено во поглед на осветлувањето, капацитет на стадионот и други точки од техничката инфраструктура“.

Оваа дозвола беше дадена под услов работите на новиот стадион да започнат во 2020/21 година. Поради пандемијата на коронавирусот, градежните работи беа одложени, а УЕФА го продолжи рокот до крајот на Лигата на нации во 2022 година, која заврши на 26. септември.

Од Фудбалскиот сојуз на Гибралтар најавија дека во ноември ќе одиграат два пријателски натпревари, кои ќе бидат последни на стадионот „Викторија“, пред почетокот на реконструкцијата.

Македонија играше на овој стадион на 5.јуни во Лигата на нации. Со головите на Николов и Барди, Македонија го победи Гибралтар со 2:0.

Scroll to Top