Македонската младинска репрезентација доживеа засрамувачки пораз на гостувањето кај апсолутниот аутсајдер Гибралтар во квалификациите за Европското првенство за играчи до 21 година во Италија во 2019 година.
Историскиот гол за Гибралтар го постигна нивниот капитен, 20-годишниот Греем Ториља за славје пред малубројната публика во Фаро, Португалија, каде што Гибралтар ги игра своите домашни мечеви. Нашиот тим доминираше по бројот на удари на голот на противникот (дури 15), меѓутоа без реализација.
За тимот на Благоја Милевски, кој доживеа голем број на промени по крајот на минатогодишниот успешен циклус и настапот на ЕП во Полска, ова може да служи само како лекција дека нема потценување ниту на најслабите репрезентации.
Уште потрагично е што Гибралтар формираше тим под 21 година по примањето во ФИФА во декември 2016 година.
За Македонија ова е втор пораз во три натпревари во квалификациите кои започнаа одлично со гостинската победа над Ерменија од 0:3, по што следуваше, можеби и очекуваниот пораз од фаворизираната Србија во Скопје со 0:2.
За У-21 тимот на Гибралтар ова е прв квалификациски циклус и во досегашните пет натпревари пред овој меч немаше постигнато ниту еден гол, а примено дури 14 гола.
Гибралтар е убедливо најмалата членка на УЕФА со само 32 илјади жители, и своето место во светскиот фудбал го обезбеди преку случаи пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС), тело кое примора членство во УЕФА во 2013 година и во ФИФА во 2016 година.