Легендата на Манчестер јунајтед, Рајан Гигс вели дека навивачите не треба да „жалат“ по Ромелу Лукаку по неговото заминување во Интер, бидејќи не е ништо ново ѕвезди да сакаат да си одат од „Олд Трафорд“ и посочува дека тој не бил во плановите на менаџерот Оле Гунар Солскјер.
Јунајтед ќе добијат 80 милиони евра за Белгиецот, ставајќи крај на сагата која трае цело лето откако Лукаку изјави дека сака да си замине.
„За Лукаку можеби немаше место во играта на Оле, со Антони Марсијал напред заедно со Маркус Рашфорд и Мејсон Гринвуд. Тој не е фудбалер кој ќе се задоволи со влегување во игра од клупа. Сака да игра 90 минути и така ќе постигнува повеќе голови отколку како замена. Но, тој не е првиот што сака да си оди од Јунајтед, така беше секогаш и тоа не е ново. Можеби е поизразено бидејќи тимот не е во форма од пред 10-15 години“, вели Гигс.
Самиот Лукаку со кратка формална порака се прости со Јунајтед.
„На сите во Манчестер јунајтед, од бордот, тренерот, играчите и фановите им велам благодарам и им посакувам многу среќа во иднина“, стои на Инстаграм.