Челси и Рома го одиграа најинтересниот натпревар во Лигата на шампионите откако ги почестија гледачите со шест гола и со многу пресврти, додека моќни победи остварија Баерн со старо-новиот тренер Јуп Хајнкес, Барселона и ПСЖ.
Челси имаше убедливо водство од 2:0 со одличните голови на Давид Луиз и Еден Азар, пред Александар Коларов и Един Џеко да направат целосен пресврт за „волчицата“. Џеко со два одлични гола ги донесе Рома до изненадувачко водство, пред Азар со вториот гол да ја покаже својата вредност во тимот на Антонио Конте.
Барселона и покрај исклучувањето на Жерард Пике поради обид да даде гол со рака, стигна до 3:1 победа над тимот на Олимпијакос, а Лио Меси повторно постигна одличен гол од слободен удар, негов јубилеен 100. во европските натпреварувања. На трибините на „Ноу Камп“, тимот побара „дијалог и почитување“ по бурните настани околу каталонската независност.
За парижани проработе напаѓачкиот квалитет, откако Килијан Мбапе, Единсон Кавани, Нејмар и Анхел ди Марија им донесоа на ПСЖ победа од 4:0 на гостувањето кај Андерлехт. Во Б-групата, Баерн, лесно со 3:0 го совлада шкотскиот шампион Селтик, за прва европска победа оваа сезона под водство на „вечниот“ Јуп Хајнкес.
Одличниот трик-удар на Марк Рашфорд, но и лошата проценка на младиот голман беа доволни Манчестер јунајтед да си замине со три поени од португалското гостување кај Бенфика, додека Базел покажа дека е многу сериозна екипа кога се работи за европските натпреварувања со победа од 2:0 над ЦСКА во студената Москва.
ГРУПА А
Бенфика – Манчестер јунајтед 0:1
ЦСКА Москва – Базел 0:2
ГРУПА Б
Андерлехт – ПСЖ 0:4
Баерн – Селтик 3:0
ГРУПА Ц
Карабах – Атлетико М. 0:0
Челси – Рома 3:3
ГРУПА Д
Барселона – Олимпијакос 3:1
Јувентус – Спортинг 2:1