Герет Бејл неодамна го навлече бесот на навивачите на Реал Мадрид кога на меч на велшката репрезентација се појави со транспарент на кој пишуваше: „Велс, голф, Мадрид, во тој редослед“, но последниот пример покажува дека голфот можеби го има несомнено првото место.
На вчерашниот пријателски меч на Велс со САД (0:0), Бејл не беше вклучен во составот, и наместо тоа беше на трибините, и наместо да ги гледа соиграчите, тој беше со лаптоп во рацете и вниманието очигледно му беше посветено на преносот на Мастерсот од Огаста, САД.
Роберт Пејџ, заменикот на Рајан Гигс на велшката клупа, вели дека не му пречи тоа и дека Бејл смеел да прави што сака, оставајќи го свеж за мечевите од Лигата на нации против Ирска и Финска.
„Не знам што правеа играчите кои не беа во тимот. Нема никакви проблеми. Бејло е тука, во соблекувалната со играчите пред мечот, и е во одлична форма. Убаво е што игра постојано со Тотенхем и сега решивме да го одмориме за мечот“, вели Пејџ.