Бразилскиот голман на Ватфорд, Еурељо Гомеш вели дека добил „повик од Господ“ да стане свештеник кога ќе се пензионира од фудбалот ова лето и ќе се врати дома за да стане фудбалски агент и религиозен лидер.
38-годишниот Гомеш вели дека е „99 отсто“ сигурен дека неговите денови како фудбалер се одброени, со што неговиот последен настап на „Викариџ роуд“ може да биде четврт-финалето од ФА купот против Кристал палас, откако оваа година неговото место во стартниот тим во Премиер лигата го има преземено Бен Фостер.
„Подготвен сум за крајот. Добив повик од Господ да бидам свештеник, така што можеби ќе го направам тоа. Последните години имаше многу промени во мојот живот, но верата посилно се враќаше и ова може да биде шанса да помогнам на тие кому тоа им е потребно. Иако планирав да се пензионирам подолго време, уште не сум одлучил. Ќе заврши сезоната, па ќе зборувам со семејството. Мојот живот ќе продолжи, надвор од терените, но уште во фудбалот“, вели Гомеш.
Тој вели дека како фудбалски агент ќе може да помогне на неговите сонародници.
„Мислам дека ќе сум добар за да помогнам на фудбалерите, да ги донесам вистинските луѓе во вистинските европски клубови. Играв во Германија, во Холандија, долго време тука во Англија, така што добро ја познавам ситуацијата“, вели Гомеш.