Долгонајавуваниот трансфер на напаѓачот Лука Јовиќ од Ајнтрахт Франкфурт во Реал Мадрид, конечно е потврден, откако 21-годишниот репрезентативец на Србија потпиша шестгодишен договор со „кралевите“.
Откако постигна 27 гола во 47 настапи за Ајнтрахт оваа сезона, Јовиќ стана еден од најпосакуваните млади фудбалери на континентот, и овој трансфер се очекуваше и покрај тоа што неодамна го продолжи договорот со германскиот клуб.
„Реал Мадрид и Ајнтрахт Франкфурт се договорија за трансферот на Лука Јовиќ, кој ќе биде обврзан со Реал во следните шест сезони, до 30 јуни 2025 година“, се вели во краткото соопштение на Реал, и иако не се открива сумата, се верува дека таа е 70 милиони евра.
? #WelcomeJovic pic.twitter.com/moSEJGg8d8
— Real Madrid C.F.⚽ (@realmadrid) June 4, 2019
Јовиќ дојде во Ајнтрахт од Бенфика и е првото големо засилување за Реал, од кои се очекува големо трошење ова лето по мизерната сезона, а следна мета сигурно е Еден Азар од Челси.
Спортскиот директор на Ајнтрахт, Фреди Бобич, призна дека отсуството на Јовиќ ќе се почувствува следната сезона.
„Неговата експлозивност и напаѓачки квалитети ги познаа во Европа и не уживавме само ние овие две сезони. Но, јасно е дека за нас постои финансиска граница. За Ајнтрахт ова е добар и важен трансфер, и му посакуваме на Лука сè најдобро во иднината“, изјави Бобич.