Top Sport

Градоначалникот на Фиренца за Влаховиќ: Ова е засрамувачки и ги гази нашите навивачи

Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела смета дека најавениот трансфер на Душан Влаховиќ од Фиорентина во Јувентус ги „гази и посрамотува“ навивачите на клубот, додека поранешниот италијански премиер, Матео Ренци отиде понатаму опишувајќи го трансферот како „ден за жалост“.

Трансферот од 75 милиони евра ги задоволува условите на Фиорентина, но навивачите на Виола се навредени што се работи за трансфер во лутите ривали Јувентус, иако иста понуда имало од Арсенал, Тотенхем и Њукасл.

„Како навивач, не можам да скријам дека е разочарувачки што го губиме најдобриот играч сред сезона, посебно да се приклучи тим кој ни е директен ривал на табелата. Во основа, ова е доказ дека модерниот фудбал се оддалечува од своите фанови и од автентичноста, и дека е предводен од луѓе со преголема моќ. Романтичната идеја на фудбалер-симбол е одамна минато, но кај навивачите на Виола има одредени вредности и страст, кои за жал се прегазени и посрамотени од вакви ситуации“, изјави Нардела за „Ла газета дело спорт“.

Поранешниот премиер Ренци, исто така имаше само грди зборови за трансферот.

„Во живо сме на телевизија, така што не смеам да пцујам. Ова е како ден на жалост во Фиренца. Имав 15 години кога Роберто Баџо беше продаден во Јувентус и бев дел од навивачите кои протестираа на Пјаца Савонарола. Бесен сум. Зошто Фиорентина мора да продава на Јувентус? Барем пратете ги во други клубови“, вели Ренци.

Влаховиќ е трет голем трансфер на релација Фиренца-Торино, по Федерико Бернардески и Федерико Киеза.

Scroll to Top