Манчестер Сити размислува за уште една опција за нов лев бек. „Граѓаните“ го продадоа Олександр Зинченко на Арсенал и итно бараат нов играч за овој дел од одбраната.
Приоритет на Пеп Гвардиола е да го ангажира Марк Кукуреља од Брајтон, но преговорите со „галебите“ не се одвиваат според посакуваната динамика и договорот може да не се реализира. Токму поради тоа на „Етихад“ бараат други опции, а една од нив е дефанзивецот на Борусија Дортмунд, Рафаел Гереиро.
28-годишниот португалски интернационалец е под договор со Борусија до летото 2023 година, па германскиот клуб би можел да биде и принудена да се раздели со него. Португалецот сигурно ќе биде во искушение да потпише за англискиот шампион, а на челниците на „Сигнал Идуна Парк“ ќе им биде тешко да го задржат, особено ако за него пристигне голема понуда.
Неговата цена моментно е околу 25 милиони евра.
Гереиро пристигна во Борусија Дортмунд од Лориен во 2016 година и стана важен играч за клубот во последните седум сезони. За „милионерите“ има 187 натпревари, 32 гола и 37 асистенции.