Играчот од средниот ред на Арсенал и на швајцарската репрезентација, Гранит Џака на Светското првенство во Русија ќе има посебен режим на спиење во обид на неговиот спонзор, американската компанија за спортска опрема „Андер армор“ да направат научен експеримент.
Џака, кој ќе го почне шампионатот против Бразил во недела, беше цел на детална анализа на неговата навика за спиење и направи модификации во неговата рутина. „УА“ му даде на Џака нови, поудобни душеци во неговиот стан во Лондон, посебно осветлување, како и посебни очила со кои може да „седи“ на Инстаграм без да биде под влијание на сината светлина.
Тука не застанува „експериментот“. Тој доби и посебни пижами за спиење и чаршави со вградена керамика, која треба да го стимулира протокот на крвта и да го држи затоплен. Овие чаршафи чинат најмалку 200 долари.
Предизвикот во Лондон бил голем, но во Русија ќе биде уште поголем. Швајцарија, како и другите учесници на Мундијалот ќе патува низ четири временски зони, со илјадници километри од едниот крај на Русија до другиот и „средувањето“ на биоритамот ќе биде исклучително важен. Како дел од подготовките за Мундијалот, Џака со себе носи ранец со опремата на „Андер армор“ – монитор на спиењето, специјална маска, пижами, но и дневник, во кој ќе ги запишува мислите пред и по спиењето.
„Ние се однесуваме кон нашите спортисти како кон пациенти. Се обидуваме да им објасниме дека опоравувањето по мечевите е исто толку важно како тренингот. Мислам дека полека ќе ја зголемиме нивната свесност за важноста на спиењето“, вели Пол Винспер, потпретседателот на „УА“ за перформанси и поранешен фитнес-тренинг во Премиер лигата.
Џака вели дека по „терапијата“ има подобра навика за спиење откако ги користел помагалата еден месец.
„Се будам посмирен и не го користам мобилниот телефон додека не излезам од дома“, вели Џака, кој додава дека му дал од специјалните очила и на колегата од репрезентацијата, Рикардо Родригез.
Џака не е единствениот спортист кој работи со „Андер армор“ на програмата, бидејќи во неа е вклучен и шампионот во тешка категорија, Ентони Џошуа, кој се подготвува за меч во септември. Тој беше во посета на центарот на „УА“ во Портланд, каде што се направи анализа на неговите навики за спиење.