Дали ќе продолжи Серија А во Италија никој не знае. Препорака на владата е сезоната да биде прекината и клубовите да започнат да се подготвуваат за наредната сезона. Ваквиот предлог не го одобруваат претседателите на клубовите, на оваа тема тие утре ќе одржат состанок.
Италијанската влада препорача Серија А да го следи примерот на Белгија, Холандија и Франција и да ја поништи сезоната. Првиот човек на италијанскиот фудбал Габриеле Гравина порачал дека таква одлука нема да потпише.
„Додека сум јас претседател на Фудбалскиот сојуз на Италија никогаш нема да го ставам својот потпис на тоа парче хартија. Тоа би била смртна пресуда за италијанскиот фудбал. Ги штитам интересите на сите клубови поради тоа повторувам. Тоа може да се случи само доколку нема никакви услови да се игра фудбал“, рекол Гравина и открил какви би биле финансиските последици доколку сезоната биде прекината.
„Доколку ја прекинеме сезоната ќе изгубиме помеѓу 700 и 800 милиони евра. Во случај да продолжиме да играме без публика тогаш ќе изгубиме околу 300 милиони евра. Во случај да се врата и навивачите тогаш минусот би бил помеѓу 100 и 150 милиони евра“.