Светското првенство во Катар дојде до четвртфиналето. Борбата за место меѓу најдобрите четири селекции во светот ќе започне во петок. Бразил и натаму е прв фаворит за освојување на титулата, покажува анализата на компанијата „Грејсноут“.
„Селесао“ сега има 25 проценти шанси за освојување на титулата, а потоа следи Аргентина со 20 проценти: двете селекции се потенцијални противници во полуфиналето, доколку Бразил ја мине Хрватска, а „гаучосите“ Холандија.
Следна е репрезентацијата на Португалија со 13 проценти шанси за трофејот, што значи и дека се први кандидати за финалето од долниот дел на костурот.
Следуваат Холандија и Франција со по 11 отсто шанси, како и Англија со 10 отсто.
Најмалку шанси за пласман во финалето им се даваат на Хрватска и Мароко.
Во споредба со прогнозата од пред турнирот, Хрватска ја замени Шпанија во левиот дел од костурот, додека Мароко ја замени Белгија во најдобрите осум – преостанатите шест учесници беа правилно прогнозирани.
„Грејсноут“ прогнозира дека Аргентина ќе ја победи Холандија, а Бразил репрезентацијата на Хрватска. Јужноамериканското полуфинале според оваа прогноза ќе им припадне на Бразилците.
На другата страна од костурот, прогнозата е дека Франција ќе слави против Англија, а Португалија против Мароко. Португалците, според оваа прогноза би ги елиминирале актуелните шампиони во полуфиналето.
Во големото финале Бразил ќе ја победи Португалија.
„Грејсноут“ е сервис за обработка на податоци во сопственост на „Нилсен“, информатичка компанија која е еден од светските лидери во областа на мерење на уделот на пазарот.