Ѕвездата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман на сите критики кои ги претрпе во последните недели и шпекулациите за неговата иднина одговори со фантастичен гол за да помогне „јорганџиите“ да стигнат до 2:0 победа над Рома и задржување на надежите за чудесен пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите.
По тесното прво полувреме, Гризман по асистенцијата на Анхел Кореа даде прекрасен гол со „ножички“ во 69. минута за делириум кај фановите на полниот „Ванда Метрополитано“, оправдувајќи ја целосно довербата на тренерот Диего Симеоне, кој неодамна изјави дека ќе стои зад Гризман „до смрт“.
So Griezmann hadn’t scored in a while…then just did this vs Roma pic.twitter.com/rCd6x8Kf3G
— The Peoples Person (@PeoplesPerson_) November 22, 2017
Кевин Гамеиро во 85. минута ја потврди победата на Шпанците, откако три минути претходно Бруно Переш доби втор жолт картон и римјаните останаа со играч помалку.
Сепак, победата може да не биде доволна по „киксот“ против Карабаг. Во последното коло, Атлетико ќе бара изненадување на гостувањето на „Стемфорд Бриџ“ кај Челси, додека Рома го пречекува Карабаг.
Гол-машината на Пари Сен-Жермен пак, повторно беше во елемент, откако „светците“ го декласираа шкотскиот шампион Селтик со 7:1.
Муса Дембеле по само 55 секунди успеа да го изненади голманот на ПСЖ Алфонс Ареола, но тоа само како да ги налути напаѓачите на францускиот тим. Нејмар одговори со два гола во 9. и 22. минута ја врати „нормалата“ на „Паркот на принцовите“, пред да почне вистинското гол шоу.
Единсон Кавани и Килијан Мбапе додадоа уште два гола до крајот на полувремето, а до крајот на мечот, Марко Верати, Кавани (уште еднаш) и Дани Алвеш го потврдија „потопот“ на гостите од Шкотска. ПСЖ сега има максимални 15 поени по пет кола и неверојатна гол-разлика од 24:1.
Јувентус и Барселона одиграа без голови во Торино, за Спортинг Лисабон да ги задржи шансите за пласман во осминафиналето по 3:1 победата над Олимпијакос. Македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски може да запише уште еден настап во ЛШ, откако влезе како замена во 85. минута од мечот.
На Барселона и бодот и беше доволен за пласман меѓу најдобрите 16, додека Јувентус сега има 8 поени, еден повеќе од Спортинг пред последното коло во кое Спортинг ќе мора да направи изненадување на „Ноу Камп“, додека Јувентус гостува во „жешката“ Пиреја.
Базел со голот на Михаел Ланг во 89. минута го „сруши“ комбинираниот тим на Манчестер јунајтед за да се врати на второто место во групата А и да си ги зголеми шансите за пласман во осминафиналето.
Базел и ЦСКА сега имаат по девет поени, но додека московјаните гостуваат на „Олд Трафорд“, швајцарците гостуваат на отпишаната Бенфика.
ГРУПА А
ЦСКА Москва – Бенфика 2:0
Базел – Манчестер јунајтед 1:0
Табела: 1.Манчестер ј. 12, 2.Базел 9, 3.ЦСКА 9, 4.Бенфика 0
ГРУПА Б
Андерлехт – Баерн Минхен 1:2
Пари Сен-Жермен – Селтик 7:1
Табела: 1.ПСЖ 15, 2.Баерн М. 12, 3.Селтик 3, 4.Андерлехт 0
ГРУПА Ц
Карабаг – Челси 0:4
Атлетико Мадрид – Рома 2:0
Табела: 1.Челси 10, 2.Рома 8, 3.Атлетико М. 7, 4.Карабаг 2
ГРУПА Д
Јувентус – Барселона 0:0
Спортинг Лисабон – Олимпијакос 3:1
Табела: 1.Барселона 11, 2.Јувентус 8, 3.Спортинг 7, 4.Олимпијакос 0
ЦСКА ги задржа надежите, Челси веќе во осминафиналето (видео)