Top Sport

Грците ќе ги ослободат уапсените навивачи на Динамо

Грчките власти одлучија да ослободат 20 навивачи на фудбалскиот клуб Динамо од Загреб со кауција, јавуваат хрватските медиуми. Тие се во затвор од август, поради нередите во Атина во кои беше убиен грчки навивач.

„Првите десет или 20 би можеле да бидат пуштени најрано во понеделник. За останатите се надеваме дека ќе биде потоа“, изјави за Јутарњи лист Атанос Кајменакис, адвокат на хрватските навивачи.

Тој прецизираше дека се следи процедурата за депонирање кауција. „Јутарњи лист“ наведува и дека на членовите на навивачката група „Бед Блу Бојс“ (БББ) им биле одобрени барањата за ослободување со кауција од 1.000 евра и забрана за влез во Грција за гледање спортски натпревари.

Вкупно 95 хрватски навивачи поднеле барања за ослободување од затвор, пишува загрепскиот весник на својата интернет страница. Се очекува грчкиот суд во текот на денот да одлучува и за другите барања по редослед на нивно поднесување.

Навивачот на фудбалскиот клуб АЕК, Михалис Кацурис, беше убиен на 7 август во нередите што се случија ден пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите, а 102 навивачи на Динамо Загреб беа уапсени во Грција и оттогаш се во затвори во Грција.

Тие се товарат за 11 кривични и прекршочни дела.

Најтешкото, убиството на навивач на АЕК пред мечот со Динамо, беше отфрлено бидејќи ДНК анализата покажа дека грчкиот навивач не бил убиен од ниту еден од приведените Бад Блу Бојс, објавија хрватските медиуми. Во последните денови сите осомничени хрватски државјани беа сослушани пред грчките судови и ја негираа вината.

Scroll to Top