Финишираат возбудувањата во групната фаза од Лигата на шампионите, а вечерва ќе ги дознаеме имињата на двете екипи од групата Д кои ќе обезбедат пласман во осмина-финалето.
Таму е неверојатно израмнето и сите екипи имаат шанса да обезбедат пласман во нокаут фазата, но и стравуваат од испаѓање. Олимпик Марсеј го пречекува Тотенхем, додека Спортинг Лисабон е домаќин на Ајнтрахт Франкфурт.
Во групата А, сигурни учесници во елиминациите се Наполи и Ливерпул. Вечерва на „Енфилд“ влегуваат во директна пресметка која ќе го одреди победникот во групата. Сепак, „црвените“ мора да бараат успех со повеќе од три гола за да ги симнат „наполитанците“ од првата позиција.
Во групата Б познати се и двете екипи кои одат во осмина-финалето, тоа се Клуб Бриж и Порто. Сепак, тие допрва ќе го одлучат победникот во групата. Белгијците ќе се обидат да го задржат првото место, барајќи победа на гостувањето кај Баер Леверкузен.
Порто на домашен терен го пречекува Атлетико Мадрид, кој сака успех за да продолжи во Лига Европа. Нерешен резултат или пораз може да се покаже како кобен за шпанскиот тим, ако Баер Леверкузен го добие другиот натпревар.
Најмирно е во групата Ц, каде се е јасно. Баерн Минхен е сигурен победник во групата, Интер исто така оди понатаму од втората позиција, а Барселона како третопласирана екипа продолжува во Лига Европа.
Баварците денеска ќе се обидат да ја продолжат победничката серија на домашен терен против Интер. Во другиот натпревар Барса ќе сака да ја зголеми самодовербата против аутсајдерот Плзен на гостувањето во Чешка.