Манчестер сити, на 10 јуни ја освои титлата во Лигата на шампионите, со што ја комплетираше најуспешната сезона во клупската историја.
Капитенот на англискиот и европски првак, Германецот Илкај Гундоган (32) го крена пехарот во Лигата на шампионите, а во исто време можеби го одигра и последниот натпревар за клубот во кој мина седум сезони.
Договорот на Гундоган истекува на крајот на месецот и тој може да го избере својот клуб без обештетување. Манчестер сити би сакале да го задржат и според тврдењата на познатиот италијански трансфер инсајдер Фабрицио Романо, клубот му понудил нов договор на една година.
За Гундоган се заинтересирани голем број клубови, кои се подготвени да му понудат подолги, а со тоа и финансиски побогати договори.
Поранешните ученици на Пеп Гвардиола, Чави и Микел Артета го посакуваат во своите тимови.
За очекување е Гундоган во наредните денови да добие понуди од Арсенал и Барселона, но во своите редови го посакува и Борусија Дортмунд, клубот од кој пристигна во Англија.
„Се уште не сум донел одлука за иднината, се уште размислувам. Имаше контакти со Борусија Дортмунд, но не сериозни, враќањето во Бундеслигата не е дел од моите планови“, изјави Гундоган.