Менаџерот на англискиот шампион, Пеп Гвардиола смета дека тренерот на Лидс јунајтед и негов ментор, Марсело Биелса само покажал дека се подготвува за меч како никој друг тренер, бранејќи го во скандалот со шпиунирање во англискиот фудбал.
Пред петочната 2:0 победа над Дерби каунти во англиската втора лига, Биелса призна дека го пратил човекот со двоглед кој беше уапсен како го набљудува тренингот на ривалите. Според многумина, ова е прекршување на правилата и фер-плејот, а Биелса е под истрага на Фудбалската асоцијација. Гвардиола, кој честопати го посочува 63-годишниот Биелса како ментор, смета дека во другите земји вакви работи се „вообичаени“.
„Почитта останува иста. Тој беше јасен во својот став. Ако му се восхитував претходно, зошто сега би го сменил тоа. Но, го сфаќам и Френк Лампард, тренерот на Дерби. Ниту еден друг тренер не собира толку информации за секој меч, за секој фудбалер како Биелса. Тој е уникатен. Дали сум го правел и јас тоа? Во другите земји тоа е нормална работа. Кога бев тренер на Баерн Минхен имаше луѓе на малиот рид со камери кои гледаа што правиме. Тоа е дел од културата, но во Англија е поинаку“, вели Гвардиола.
Со него не се согласува Германецот Јирген Клоп, тренерот на Ливерпул, клуб кој со посебни огради го има заградено тренинг-центарот во Мелвуд далеку од очите на јавноста.
„Што мислите зошто има ограда? Не се работи за сите сесии, но пред мечот, кога се работи за тактиката, не треба да го гледа никој. Можам да сфатам зошто ги сака информациите, сите ги сакаме, но треба да прифатиме дека нема да ги добиеме. Но, тоа е мое мислење. Неговата презентација беше импресивна и нема сомнеж дека е фантастичен тренер кој добро се подготвува, но не треба да е така“, објаснува Клоп.
„Лудакот“ Биелса призна: Ги шпиунирав сите тимови во Чемпионшип! (видео)