Тренерот на Манчестер сити Пеп Гвардиола во суперлативи зборувал за Реал Мадрид пред првиот осмина-финален натпревар помеѓу двата тима во Лигата на шампионите.
Гваридола е свесен за предизвикот со кој ќе се соочуваа неговите фудбалери на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.
„Играчите на Реал имаат многу финалиња во Лигата на шампионите, освоиле многу трофеи…Кај нас единствено Клаудио Браво ја освоил Лигата на шампионите. Мораме да се бориме, мораме силно да ја посакуваме победата. Имаме 180 минути и можеме да славиме или да изгубиме“, рекол Гвардиола.
Сити за противник го има клубот што освои четири титули во ЛШ, во последните шест години. Реал е рекордер во Лигата на шампионите со 13 освоени трофеи.
„Тоа е клуб на кој што сакаме да се огледаме. Навистина му се восхитувам на Реал. Тие се вистински кралеви на Лигата на шампионите. Ќе играме на еден од најголемите и најубавите стадиони во светот. Ќе дадеме сѐ од себе за да победиме. Доколку не успееме ќе им честитаме и ќе продолжиме да работиме“, заклучил Гваридола.
Првиот осмина-финален натпревар помеѓу Реал и Манчестер сити ќе се одигра в среда во Мадрид.