Тренерот на Баерн Минхен, Јуп Хајнкес застана во одбрана на навивачите на клубот кои протестираа за цените на билетите за дуелите од Лигата на шампионите, за што УЕФА најверојатно ќе го казни клубот.
Гостинските навивачи на Баерн кои беа присутни во Брисел при 1:2 победата над Андерлехт објавија банер на кој се жалеа на билетите од 100 евра, додека дел од нив фрлаа лажни пари на теренот.
Пред дербито со Борусија Менхенгладбах, 72-годишниот Хајнкес вели дека навивачите имаат право на протест.
„Ако билетите чинат 100 евра, тоа е лудило. Фановите имаат право. На крајот, не можеш да издржиш со такви цени. Како да им велиме: ’останете дома, не ве сакаме на стадионите’. Не е во ред. Затоа протестот е оправдан. Солидарен сум со фановите за протестот. Мора да има нормални цени на билети, бидејќи натпреварите без навивачи се лоши за фудбалот“, изјави Хајнкес.