Ерлинг Халанд постигна седум гола во првите три меча во дресот на Борусија Дортмунд, по што се пожали дека уште не е во најдобра физичка форма!
19-годишниот Норвежанец дојде од Ред бул Салцбург во Дортмунд на стартот на јануарскиот преоден рок, одбивајќи ги Манчестер јунајтед, и очигледно Бундеслигата е совршена за него – по хет-трик од клупата за 5:2 победа над Аугзбург, тој постигна два гола како замена во 5:1 триумфот над Келн, прев вчера првпат како стартер против Унион Берлин додаде два гола за неверојатен старт на полусезоната.
„Беше тешко, но и убаво да се игра од старт. Но, мислам дека можам да бидам уште многу подобро физички подготвен, бидејќи не сум на 100 отсто“, изјави Халанд за „Скај спорт“.
Ниту еден фудбалер во историјата нема постигнато толку голови во првите три меча во германската елита. Халанд, синот на поранешниот фудбалер на Лидс и Манчестер сити, Алфе Инге Халанд, претходно имаше 16 гола во 14 меча во Австрија, а во Лигата на шампионите постигна осум гола во шест меча.