Ерлинг Халанд ги „распушти“ своите руси коси во новата фото-сесија и интервју за магазинот „GQ“ во кое зборува за својата медитација пред фудбалските мечеви и за надежите за настап на СП со Норвешка.
22-годишниот Норвежанец, кој е најплатен фудбалер во Премиерлигата со 865.000 фунти неделно, имаше одличен старт на кариерата со „граѓаните“ со 33 гола во 30 мечеви, добро се снаоѓа и во улога на манекен, како што можете да забележите од фотографиите.
„Медитацијата е навистина добра работа. Да се опуштите, да се обидете да не размислувате многу. Стресот не е добар за никого. Мразам да сум под стрес. Тоа е индивидуална работа, но за мене функционира навистина добро“, вели Халанд.
Тој ги кажа и своите амбиции.
„Ќе се обидам да освојам трофеи во Манчестер сити и да бидам човек за големи мечеви, целта е да се освои Лигата на шампиони. Норвешка, пак, е мала земја со 5.5 милиони луѓе, но на Светското првенство видовме мали држави како прават големи работи. Се надевам дека ќе играм на СП во 2026“, вели Халанд.