Селекторот на Исланд, Хеимир Халмгринсон, поднесе оставка на функцијата. Исланд беше учесник на Светското првенство во Русија, а во конкуренција на Хрватска, Аргентина и Нигерија го освои последното место во Д-групата.
Халмгринсон, решил да ја напушти функцијата, иако никој од Фудбалската федерација на Исланд не го побарал тоа од него.
„Никогаш нашиот фудбал не бил толку добар и не привлекувал толку внимание. Се надевавме дека Халмгринсон ќе продолжи со својата работа, меѓутоа тој побара да замине. Благодарен сум за се она што го направи за нашиот фудбал. Од овој момент сме во потрага по нов селектор“, рекол првиот човек на Сојузот, Гудни Бергсон.
Халмгринсон, изминатите две години самостојно ја водеше репрезентацијата, а претходно пет години тоа го правеше во соработка со шведскиот стратег Ларс Лагербек.