Top Sport

Хаос во Спортинг, тренерот суспендиран, играчите со закани кон клубот

Спортинг Лисабон, клуб за кој настапува македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, реши да го суспендира тренерот Жорж Жесус, откако двете страни не најдоа компромис за спогодбен раскин на договорот.

По уште една неуспешна сезона во која „лавовите“ од Лисабон, не успеаја да изборат пласман во Лигата на шампионите, челниците сакаат да го раскинат договорот со Жесус. Тој се согласил да замине меѓутоа не сака да се откаже од 7,5 милиони евра, сума која треба да му припадне доколку биде отпуштен.

Претседателот Бруно де Карваљо, кој извесен период е во исклучитечно лоши односи со Жесус, и раководството на клубот решија да го суспендираат тренерот. Ова значи дека тој нема да може да го предводи тимот во последниот натпрвевар во сезоната, финалето на Купот против Авеш.

Сепак прашање е дали челниците ќе ја испочитуваат својата одлука бидејќи играчите се заканиле дека нема да го играат натпреварот доколку 63-годишниот тренер не биде на клупата.

Финалето во Купот на Португалија ќе се одигра в сабота.

Scroll to Top