Манчестер сити не успеа да го искористи „киксот“ на Арсенал против Евертон за да се доближи до лидерот на табелата во Премиерлигата, откако загубија на гостувањето кај Тотенхем со 1:0, останувајќи на пет поени зад „топчиите“.
Клучен човек, како многупати во историјата, за Тотенхем, без Антонио Конте на клупата, беше Хери Кејн, кој во 15. минута од мечот ја искористи грешката на младиот дефанзивец на Сити, Рико Луис, за да го забие својот 367. гол во дресот на лондонскиот клуб, така поминувајќи го рекордот на Џими Гривс. Покрај тоа, Кејн е само третиот фудбалер во историјата на Премиерлигата со 200 постигнати голови, по Вејн Руни (208) и Алан Ширер (260).
По ова водство, Тотенхем ги издржаа сите напади на Манчестер сити, на кои не им помогна ниту вториот жолт картон на Кристијан Ромеро во финишот на мечот. Спарс со победата остануваат на петтото место на табелата со 39 поени, сега само еден поен зад четвртопласираните Њукасл.