Херта Берлин продолжи со „летечкиот“ старт на новата сезона во Бундеслигата, откако на „Олимпискиот стадион“ му го нанесе првиот пораз на актуелниот шампион Баерн Минхен од 2:0 и се израмни со нив со 13 поени на врвот на табелата (иако се втори поради послабата гол-разлика).
Клубот од германската престолнина стигна до водство во 23. минута, кога Ведад Ибишевиќ беше сигурен од белата точка по еден незгоден старт на Џером Боатенг, а во финишот на првото полувреме Ондреј Дуда со убава реакција повторно го совлада Мануел Нојер за големо 2:0 водство.
И покрај неколкуте шанси во второто полувреме, тимот на Нико Ковач го забележа првиот пораз во новата сезона и втор неуспех во низа, откако одиграа 1:1 со баварските ривали Аугзбург.