Top Sport

Хески се жали: На Џерард и Лампард им е лесно, тие се белци

Поранешниот напаѓач на Ливерпул и на англиската репрезентација, Емил Хески смета дека поради расизмот во фудбалот не може да направи прогрес во својата тренерска кариера, оценувајќи дека им е полесно на неговите поранешни соиграчи од репрезентацијата Стивен Џерард и Френк Лампард да најдат работа бидејќи се бели.

Џерард веќе втора сезона е тренер на Глазгов Ренџерс, додека Лампард од оваа сезона е на клупата на Челси, откако претходно работеше во второлигашот Дерби каунти. Хески, пак, работи како ТВ-коментатор.

„Не знам зошто црните луѓе мораат да бидат на дното, додека другите одат каде што сакаат и добиваат работа. Сто отсто им беше полесно на Лампард и Џерард, кои веднаш најдоа работа, што за тие со поинаква боја на кожата не е исто. Сол Кемпбел има повеќе титули од Џерард и го нема никаде. Добиваме работа да тренираме пионери. Никој нема да им даде место во Премиер лигата. Колку има црни тренери во Премиер лигата и во Чемпионшип? Ние сме малцинство во секоја смисла на зборот“, вели Хески.

Scroll to Top