Дуелот на Хетафе и Реал Мадрид, двата клуба од Мадрид со различна историја и различна тежина, заврши без голови, со што Хетафе може да продолжи да сонува за историско квалификување во Лигата на шампионите.
Реал Мадрид како едвај да чека да заврши кошмарната сезона во која трипати го сменија тренерот и на крајот го вратија Зинедин Зидан, бидејќи ниту третото место им е загрозено, ниту е реално да се очекува дека можат да ги поминат Атлетико на второто место.
Во дуелот со Хетафе, клуб кој го бие репутација на играње на груб и неатрактивен фудбал, „кралевите“ имаа повеќе од шансите, но ефикасноста не беше нивна силна страна. На крајот, Хетафе со освоениот поен се врати на четвртото место на табелата со 55 поени, исто колку што има и Севилја, која претходно со 5:0 го растури Рајо Валјекано. Валенсија е шеста со 52 поени, а до крајот на сезоната во Шпанија има уште четири кола.