Top Sport

Холандија-Аргентина: Ривалството и статистиката гарантираат спектакл

Холандија и Аргентина вечерва на „Лусаил Ајконик“ стадионот во Лусаил ќе се борат за пласман во полуфиналето на Светското првенство. За многумина, ова е вистинското дерби во четвртфиналето, бидејќи ривалството меѓу овие репрезентации е антологиско.

Холандија и Аргентина, почнувајќи од СП во Германија во 1974 година до денес, одиграле некои од највозбудливите натпревари на Мундијалите. Најзначајниот, секако беше во 1978 година. На домашен терен, предводена од Марио Кемпес, Аргентина преку Холандија дојде до својата прва светска титула.

Последниот меч на Мундијалите им донесе уште една радост на Аргентинците. Во полуфиналето на СП во 2014 година во Бразил, Аргентина победи по изведувањето на пенали.

Досега одиграле девет натпревари, една победа повеќе има Холандија (4:3).

На ова СП, двете селекции ги освоија своите групи и покрај тоа што Аргентина стартуваше со сензационалниот пораз од Саудиска Арабија (1:2).

Местото во топ 16 го обезбедија со победите од по 2:0 против Мексико и Полска.Во осминафиналето „гаучосите“ ја победија Австралија со 2.1.

Холандија ја освои групата А со седум бода. „Лалиљата“ со по 2:0 славеа над Сенегал и Катар по 2:0, а одиграа нерешено 1:1 со Еквадор.

Во осминафиналето пред четата на Ван Гал паднаа САД со 3:1.

Низ досегашниот тек на турнирот, статистички гледано Холандија и Аргентина се речиси израмнети. Холанѓаните постигнаа гол повеќе и примија гол помалку. Аргентина има нешто поголем посед на топката и создава повеќе шанси.

Кога се ќе се собере и одземе јасно е дека ни претстои уште една фантастична епизода од епското ривалство.

 

Scroll to Top