Top Sport

Холанѓаните ќе тестираат нови, револуционерни правила во фудбалот

Фудбалската федерација на Холандија размислува за револуционерни промени во правилата на фудбалската игра кои би ги воведе од сезоната 2023/2024 во својата втора лига. Меѓу идеите кои се разгледуваат се должината на полувремето, изведувањето на аутот и на слободните удари, неограничениот број на замени, но и петминутните исклучувања за фудбалери кои прават груби фаули.

Жан Дирк ван дер Зе, директорот за аматерски фудбал во холандската федерација, веќе предложи некои од револуционерните идеи во фудбалот, како на пример жените и мажите да играат заедно на високо ниво во аматерскиот фудбал во Холандија. Тој сега нуди нови идеи кои, како што тврди, би ја направиле играта „побрза и попривлечна за гледачите“.

Експериментот за кој се залага треба да започне во договор со клубовите и Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации, а треба да се нагласи дека всушност се работи за издигнување на револуционерните идеи на повисоко ниво бидејќи токму таков е изгледот на фудбалот во Холандија тестиран веќе пет години.

„Резултатите се ветувачки“, додава Ван дер Зе.

Доколку биде прифатена неговата идеја, од сезоната 2023/2024 во втората холандска лига ќе се игра фудбал во две полувремиња по 30 минути чиста игра. Запирањето на играта би го запрело и часовникот, па всушност времето на игра би било пресликано од примерите на некои други спортови, како кошарка или ракомет.

Топката од страна наместо со рака ќе се изведува со нога, а слободните удари може да започнат со дриблинзи, односно водење на топката. Истото важи и за ударите од аголот. Неограничен број замени е друга идеја, а меѓу нив е исклучување на играчи на пет минути поради посериозни прекршоци досега санкционирани со жолти картони.

Scroll to Top