Top Sport

Холанѓаните уште се фасцинирани од „магионичарот во чад“ Милко Ѓуровски

Холандскиот портал „ВИ“ објави големо интервју со легендата на македонскиот и југословенскиот фудбал, Милко Ѓуровски во чест на неговиот 56. роденден. Ѓуровски од 1990 до 1994 година играше за Гронинген и уште има посебно место за него меѓу легендите на клубот, кого еден од локалните новинари го нарече „Магионичарот во чад“ поради неговата страст кон цигарите.

Новинарот прво потсетува на начинот на кој Ѓуровски дојде во Холандија – во 1989 година Гронинген игра со Партизан во купот на УЕФА, а Македонецот постигнува три гола во двата меча, елиминирајќи го холандскиот клуб. Тренерот на Гронинген, Ханс Вестерхоф реши дека мора да го донесе долгокосиот фудбалер со цигара во устата на „Хет остерпарк“.

Во Гронинген тој станува легенда со луди митови околу него – тој пуши, пие, честопати е во ноќните клубови каде што се коцка опкружен со убави жени.Ѓуровски, кој сега живее во Марибор, вели дека не прави ништо.

„Што правам? Ништо, уморен сум и стар. Имам само 53 години? До 20-тата година си дете, потоа до 35-тата си млад, светот е убав и пред тебе. Тогаш стануваш семеен човек, жената и децата ти се најважни. По 50-тата… Катастрофа! Но, во умот уште сум младиот Милко. Тука сум со мојата сопруга Андреа, и кога таа ќе отиде на работа одам до кафеаната пијам чај или кафе, потоа во следната, и потоа дома. Гледам телевизија. Чај или кафе. Во Марибор секој ден е ист. Не само за мене, туку за сите. Сите во Марибор се уморни, бидејќи е досадно тука. Ова е убав град, но кога ќе имаш 70 години“, вели Ѓуровски.

Тој додава дека уште не му е јасно зошто станал толку популарен во Холандија.

„Не го сфаќам тоа. Искрено. Кога играв, ми беше јасно, бев само добар фудбалер. Кога потпишав, се покачи бројот на сезонски билети и стадионот беше полн. Но, сега? Навистина не знам, бидејќи помина толку многу време“, се прашува Ѓуровски.

Секако, тука беа и прашањата околу митовите за неговиот живот во Гронинген.

„Беше нормално мафијата да биде со нас. Тие го имаа секој фудбалер во Белград и исто е и сега. На многумина им е интересно да бидат покрај фудбалери. Аркан, се сеќавате? Тој беше навивач на Црвена звезда. Такви беа луѓето околу фудбалерите. Јас сакав да се напијам, да пушам цигари и да го посетам казиното, но никогаш не се дрогирав. Приказните за шверцување злато, долгови од коцкање и изнуда не се вистинити. Го тужев весникот ’Ниувсблад ван хет норден’ и ги добив на суд“, објаснува Македонецот.

Scroll to Top