Top Sport

Хрватите контра Адеми – неблагодарно и нечовечки

„Неморално, срамно, неодговорно, себично!“, со овие зборови новинарот на „Вечерњи лист“, Карло Ледински „удри“ по фудбалерите и тренерот на Динамо Загреб, кои не се согласиле платите да им бидат намалени додека трае кризата што ја предизвика коронавирусот.

Во текстот новинарот најмногу го критикува капитенот на тимот, репрезентативецот на Македонија, Аријан Адеми.

„Покажаа дека живеат во светот на милионите, дека немаат реална слика на хрватската стварност, каде продавачките овие денови ризикуваат да се заразат со коронавирусот за 3.500 куни месечно (околу 450 евра), а наставници, полицајци, пожарникари работат за 5 или 6.000 куни месечно (650 до 790 евра). Но тие, претплатени фудбалери, за жал тоа не го разбираат, туку до последната куна си ги бараат платите што им следуваат според договорите. Секако имаат правна основа, тука се во право, но морално не се. Особено морал нема капитенот Аријан Адеми. Како шеф во соблекувалната тој би можел да ги наговори соиграчите да се согласат платите да им бидат намалени. Тој Адеми требаше да се сети на моментите кога поради допинг беше суспендиран на четири години (подоцна казната му беше намалена на две години), а клупските челници во тој момент рекоа: ‘Адеми е нашиот капитен, додека му трае суспензијата ќе го добие она што му следува според договорот’. А сега Адеми враќа на ваков начин, покажува дека парите му се поважни од клубот и вработените во клубот. Лицемерие, капитену! Поради ова веднаш треба да ви ја одземат капитенската лента, не заслужувате да ја носите“.

Инаку во текстот се наведува дека Аријан Адеми има годишна плата од пет милиони куни (околу 660.000 евра).

Scroll to Top