Top Sport

Хрватските хулигани изнесени пред судот во Атина, добија кривични пријави

104 навивачи од Хрватска се појавија на суд во Атина по жестоките судири меѓу приврзаниците на Динамо Загреб и АЕК во грчката престолнина, во кои до смрт беше избоден навивач на домашната екипа, јавуваат грчките медиуми.

Тие се соочуваат со четири кривични пријави и седум прекршочни пријави. Според информациите, Хрватите се обвинети за убиство од небрежност, учество во криминална организација, нарушување на јавниот ред и мир и поседување експлозив.

Информациите велат и дека од нив биле земени примероци од ДНК во врска со истрагата за смртта на 29-годишниот Михалис Кацурис во инцидентите во понеделникот вечерта. Телефоните на пријавените се одземени, а исто така се врши вештачење.

Грчките медиуми објавија дека уште пет Хрвати се уапсени откако се обиделе да ја напуштат Грција како туристи, а се трага по уште 50 прекршители. Помеѓу 150 и 250 хрватски навивачи пристигнаа во Атина за квалификацискиот натпревар од третото коло во Лигата на шампионите во вторникот, и покрај тоа што имаше забрана за гостински навивачи.

Scroll to Top