Top Sport

И без Конте иста приказна – Тотенхем „прокоцка“ победа кај Евертон

Во првиот меч по заминувањето на Антонио Конте, Тотенхем остана на старите навики, пропуштајќи предност против понископласиран тим за да одигра само 1:1 кај Евертон.

Поените беа многу важни за двете екипи – Тотенхем во консолидација по отказот за Конте и искачување на место кое води во Лигата на шампиони, а Евертон за можно излегување од зоната за испаѓање. И покрај овој императив, или можеби токму поради тоа, двата тима играа внимателно без многу шанси за гол во првото полувреме.

Клучниот момент се случи во 58. минута, кога по една провокација на Хери Кејн, Абдулаје Дукуре ги загуби нервите и го удри напаѓачот на Тотенхем по лице, добивајќи директен црвен картон. Ако не беше доволно што останаа со 10 играчи, десет минути подоцна беше досуден (оправдан) пенал за гостите, кој Хери Кејн сигурно го реализираше.

Меѓутоа, ова не беше крај. Рамнотежата на теренот се врати во 88. минута кога Лукас Моура доби директен црвен картон за еден брутален старт, за во 90. минута, Мајкл Кин со фантастичен гол од далечина да обезбеди поен за тимот на Шон Дајч.

Поенот ги остава Спарс израмнети со Њукасл и Манчестер јунајтед на 50 поени, но ривалите имаат два натпревари помалку од нив. Евертон излегува од зоната за испаѓање на 15. место со 27 поени во неверојатно неизвесната борба за опстанок.

Scroll to Top