Италијанскиот селектор, Роберто Манчини застана во одбрана на тренерот на Јувентус, Андреа Пирло по вчерашниот 2:0 пораз од Интер во „Дерби д’Италија“, објаснувајќи дека е за очекување да биде тешко на почетокот. Интер имаат седум поени пред „старата дама“ (иако Јуве има натпревар помалку).
„Мечот беше добар, бев задоволен што го видов тој гол од Барела. Победата на Интер беше добра, за Јуве? Такви работи се случуваат. Дури и ‘бјанконерите’ можат да имаат лоша ноќ. Лесно е да се критикува Пирло, но на почетокот е очекувано да има тешкотии, дури и кога си бил врвен фудбалер. Да си тренер е сосема поинаква ситуација. Потоа, полека, ќе учиш и ќе станеш подобар“, вели Манчини.
Бројките не се на страна на Пирло – тој има освоено 9 поени помалку од Маурицио Сари по 17 натпревари и го израмни најлошиот старт на Макс Алегри како тренер во Торино. Последен пат кога Интер победил со 2:0 против Јувентус, „нераѕурите“ ја освоија тројната титула, а Јувентус заврши седми во лигата со 27 поени заостанување.
Пред една година, со Сари на чело, Јувентус беше израмнет со Интер на врвот на табелата со 42 поени по 17 меча, а Пирло има 9 поени помалку. Тој ја израмни и најлошата сезона на Алегри, кога Јуве освои 33 поени во 17 меча во 2015/16. Тогаш Интер на Манчини беа први во лигата, но со само три поени предност и на крајот завршија како четврти, а Алегри ја освои титулата со 9 поени предност пред Наполи.