Откако саудискиот инвестициски фонд неодамна го купи премиерлигашот Њукасл за 305 милиони фунти, промена на сопствеништвото е почната и во Вест Хем.
Од клубот денеска потврдија дека 27% од акциите сега се во сопственост на чешкиот милијардер Даниел Кретински, а во договорот за продажбата на акциите е и опцијата тој да го откупи целосниот пакет во блиска иднина.
Кретински, најголемиот акционер во британската пошта и вториот најголем акционер во ланецот супермаркети „Sainsybury’s“ сега е именуван за член на извршниот одбор на клубот од Лондон во кој се и долгогодишните шефови на клубот – Дејвид Саливен и Дејвид Голд.
Навивачите на Вест Хем со години бараат тие двајца да и заминат во клубот обвинувајќи ги за долгогодишните промешени потези и трошење големи пари на играчи кои не беа од голема корист.
Саливен и Голд досега заедно имаа 86% од акциите на клубот, но таа бројка драстично ќе се промени за кратко време.
Кретински веќе долго се поврзува со клубот со кој е во релации од поодамна. На негова сугестија се доведени неколку чешки фудбалери како Владимир Куфал, Томас Сичек и Алекс Крал.
Освен Вест Хем, Кретински е ко-сопственик и во Спарта Прага, а досега го поврзуваа и со други европски клубови.