Top Sport

Ибрахимовиќ го продолжи договорот со Милан

Она што беше познато уште пред еден месец, попладнево доби официјална потврда. Златан Ибрахимовиќ потпиша нов договор со Милан. Шведскиот напаѓач потпиша договор до 30 јуни 2023 година.

Ибрахимовиќ минатата сезона со Милан успеа да ја освои титулата шампион на Италија и со тоа да ја исполни целта за која се врати на Сан Сиро.

На крајот од сезоната го оперира коленото и мораше да паузира долга, па се мислеше дека поради ова ќе реши да ја заврши кариерата. Сепак, клубот му даде нов договор, а тој го прифати со намалување на платата самоиницијативно.

Иако за неколку месеци ќе го прослави својот 41 роденден, јасно е дека Ибра се уште се чувствува одлично и верува дека може да игра на високо ниво, што го докажа во претходните две сезони во Милано.

Да потсетиме, пред Милан играше за ЛА Галакси, Манчестер Јунајтед, ПСЖ, Барселона, Интер, Јувентус, Ајакс и Малме, каде што израсна. Инаку, ова му е втор мандат во Милан, бидејќи претходно настапуваше од 2010 до 2012 година, кога беше и шампион на Италија.

Не сметајќи ги спонзорските договори, Ибрахимовиќ само од платите досега заработил над 500 милиони евра. На неговата сметка најмногу плати ПСЖ, околу 50 милиони во периодот од 2012 до 2016 година. Милан ќе му даде „само“ еден милион евра за годината на договорот што беше потпишан денеска.

Scroll to Top