Фудбалерите на Арсенал викендов им сервираа уште едно непријатно изненадување на своите навивачи, не успеаја да го победат Саутемптон (2:2). По 13 рунди тие со скромни 18 бода се наоѓаат на осмото место на табелата.
По натпреварот со Саутемптон повторно под знак прашалник е ставена стручноста на тренерот Унаи Емери и се повторуваат прашањата дали ќе ја „преживее“ оваа недела на клупата на Арсенал.
Најчести коментари на англиските медиуми се дека Емери не може да ги поправи работите бидејќи играчите повеќе не му верувале.
„Тренерот е проблем. И понатаму носи лоши одлуки и ја менува тактиката. Тимот нема идентитет. Последните натпревари и резултати лошо влијаеа на самодовербата во тимот. Дали некој од играчите мисли дека со Унаи Емери ќе се пласираат во Лигата на шампионите? Не би рекол дека се оптимисти“, рекол неименуван извор блисок до раководните структури во клубот.
Медиумите сметаат дека Арсенал мора да бидат во конкуренција за Лигата на шампионите доколку сакаат да ги задржат Александар Лаказет и Пјер-Емерик Обамејанг. Пласман во Лигата на шампионте е услов тие двајца да преговараат за нови договори, во спротивно ќе заминат од клубот.
Исто така ситуацијата во Тотенхем, односно доаѓањето на Жозе Мурњо не му оди во прилог на Унаи Емери.
„Работите ги влоши и доаѓањето на Мурињо во Тотенхем. Можеби сите не го сакаат, но тој е победник и Спарс јасно ставија до знаење дека сакаат да победуваат. Унаи Емери не е на нивото на Клоп, Гвардиола или Мурињо, Френк Лампард го гарди својот идентитет во Челси, а на Брендон Роџерс одлично му оди со Лестер. Сето ова уште повеќе го притиска Емери“.
Арсенал в четврток ќе играат против Ајнтрахт во Лига Европа, а в недела ќе гостуваат кај Норич.