Напаѓачот на Јувентус, Гонзало Игуаин од својот тренер Масимилијано Алегри доби порака дека е крајно време да го покаже својот целосен потенцијал откако го реши саботното италијанско дерби со два гола 2:0 победа над Милан на „Сан Сиро“.
29-годишниот Игуаин има неверојатни статистики во својата кариера, но Аргентинецот блеснува од време на време, и оваа сезона постоеја шпекулации дека го губи местото во тимот од сонародникот Пауло Дибала. Игуаин во првите 10 лигашки натпревари оваа сезона има 4 гола, а Дибала дури 11.
„На Игуаин му беше потребно да се врати во добра форма. Неодамнешната пауза ја искористи за тренирање и затоа имаше добар меч. Но, не треба да сопре тука. Ова треба да му биде само отскочна штица. Тој е еден од најдобрите напаѓачи на светот и имаме среќа што игра за нас“, вели Алегри.
Игуаин постигна 101 гол во 153 меча во Серија А за Наполи и Јувентус, а во сезоната 2015/16 постигна рекордни 36 гола за Наполи во лигата, пред да направи трансфер во Јуве. Претходно тој имаше 107 лигашки голови за Реал Мадрид и сега покрај Златан Ибрахимовиќ е единствениот кој постигнал повеќе од 100 гола во две од петте најдобри лиги во Европа.
„Гонзало мора да има поголема самодоверба, бидејќи потенцијалот е неверојатен. Понекогаш сака да оди на стара слава, што не е добро за него, но и за нас. Мора да бара повеќе од себеси“, објаснува Алгери.