Рене Игуита, славниот голман на колумбиската репрезентација познат по своите спектакуларни одбрани, признава дека бил близок пријател на поранешниот бос на колумбиската нарко-мафија, Пабло Ескобар, но вели дека никогаш не бил вклучен во таков „бизнис“.
„Кога бев дете, тој ги поседуваше сите фудбалски терени каде што игравме. Како да не му бидам благодарен за тоа? Јас бев негов пријател, но не и дилер на дрога“, вели Игуита во интервју за „Фокс спортс Аргентина“.
Ескобар беше шеф на картелот во Меделјин преку кој извезуваше тони кокаин и заработуваше милијарди пред да биде убиен во престрелка со полицијата во 1993 година. Игуита, кој сега работи како тренер на голманите во Атлетико насионал, се наврати на пријателството за кое признава дека му оставил голем впечаток и дури заврши во затвор.
„Еден ден го посетив во затворот ’Ла катедрала’ и тоа ме одбележа во очите на јавноста. Да не заборавиме дека Ескобар беше член на Конгресот на Колумбија, но кога почнаа проблемите со полицијата ме уапсија со обвинение дека преговарам при едно киднапирање. По осум дена ми кажаа дека нема да ме обвинат ако им го дадам Пабло. Кажав дека не знам ништо за тоа, и дури да знам нема да кажам. Тоа беше работа на властите, а не моја. Ме ставија во хеликоптер и ме однесоа во Богота со третман кој не го заслужиле и најлошите дилери. И продолжија да инсистираат“, додава Игуита.
Тој вели дека никогаш не бил дел од нелегалните активности.
„Тоа што му бев пријател на Пабло не значи дека бев криминалец. Кога си славен, секогаш ти лепат работи. Ако се фотографираш со политичар, тоа не значи дека го поддржуваш целосно. Јас бев само фудбалер. Првиот ден кога влегов во затвор си реков: ’Утре си одам’ и така беше сите 9 месеци. Но, барем во затворот сите се однесуваа добро со мене бидејќи знаеја дека сум невин“, додава Игуита.
За тие кои не го познаваат „ликот и делото“ на Игуита, подолу имате интересно видео.