Според „Скај спорт Италија“, состанокот помеѓу директорот на Интер, Бепе Марота, Мауро Икарди и неговата сопруга и агент, Ванда Нара не донел никаков прогрес во ситуацијата околу аргентинскиот напаѓач, кому неодамна му беше одземена капитенската лента на италијанскиот клуб. Од Интер го потврдија разговорот.
„Генералниот директор на ’Интер спорт’, Џузепе Марота денеска имаше срдечен состанок со Мауро Икарди и Ванда Нара во потрага по решение за задоволување на најдобрите интереси за сите вклучени“, се вели во објавата на официјалниот Твитер акаунт на Интер.
L’Amministratore Delegato Sport dell’Inter Giuseppe Marotta ha incontrato nella giornata odierna @mauroicardi e Wanda Nara.
Si è trattato di un incontro cordiale volto alla ricerca di una soluzione nell’interesse di tutte le parti coinvolte #FCIM— Inter (@Inter) March 6, 2019
Начинот на кој е објавено ова предизвика многу потсмев во Италија, бидејќи сите инсистираат дека отсуството на Икарди од тимот е поради повреда од коленото, која одеднаш се појави откако тој ја загуби капитенската лента.
Според познатиот новинар на „Скај спорт“, Џанлука ди Марцио, нема никаков прогрес во разговорите и двете страни остануваа на своето. Клубот нема намера да ја врати капитенската позиција, а сопругата на Икарди, Нара тврди дека тој не направил „ништо погрешно“. На состанокот воопшто не се зборувало за нов договор за Икарди.