Мауро Икарди очигледно решил да „плукне во стариот бунар“, откако во интервју со францускиот „Канал плус“ изјави дека го направил трансферот од Интер во Пари Сен-Жермен бидејќи било крајно време да „дојде во победнички тим, тим кој може да освојува титули“.
Икарди го комплетираше трансферот во францускиот шампион во последниот ден од преодниот рок, со едногодишна позајмица со опција за купување за 65 милиони евра.
„Дојдов тука да играм. Ако пристигнете во тим со опција за купување, знаете дека морате да се покажете за клубот да реши да ве купи. Ќе видиме што ќе се случи следното лето. Бев седум години во Интер и сонот беше да играм во Лигата на шампионите и го направивме тоа лани, но никогаш не освојувавме ништо. Сметав дека дојде време да дојдам во победнички клуб, кој може да се бори за титули. Време да почнам да победувам. ПСЖ е клуб полн со шампиони и тоа го посакував“, вели Икарди.
Тој ги отфрла тврдењата во италијанскиот печат дека неговата сопруга и агент, Ванда Нара била виновна за тензиите со Интер.
„Со Ванда сум веќе седум години, таа е славна личност исто како мене и знаеме што значи тоа. Но, тоа не го менува начинот на кој размислувам или играм, во спротивност немаше да имам 150 гола со Интер. Тоа што ја имам Ванда како агент е најдобрата одлука за моето семејство и мојата кариера. Не размислував многу, јас сум човек кој ги третира мажите и жените еднакво“, додава Аргентинецот.