Навивачите на Барселона беа загрижени откако нивниот клуб минатата недела играше без фудбалер излезен од „Ла Масија“, нивната школа првпат по 16 години, но дека има „талентирани деца“ покажа со освојување на Младинската лига на УЕФА со 3:0 победа над тимот на Челси.
Ѕвезда на финалето во Нион беше 17-годишниот Венецуелец, Алехандро Маркес, откако тој постигна два гола за да обезбеди Блауграна да го крене јуниорскиот трофеј. Во 32. минута од мечот, Абел Руиз нафрли, а Маркес постигна одличен гол со глава, за во 52. минута истиот фудбалер да го „реши“ мечот откако го надигра Гуехи и лесно го совлада голманот Каминс. Абел Руиз во 92. минута само ја потврди титулата на Блауграна.
Маркес се пресели во Шпанија како дете, и од 2013 година беше дел од младинската школа на Еспањол, пред да дојде во Барселона во 2017 година. Оваа сезона тој првпат влезе во составот на Барселона Б, тим кој настапува во втората шпанска лига.
Ова е втора титула на Барселона во ова натпреварување, по трофејот во 2014 година со што се израмнија со Челси, кои беа шампиони во 2015 и 2016. Минатата година трофејот го крена Ред бул Салцбург.