Чиро Имобиле со гол во 89. минута донесе импресивна 2:1 победа на Лацио на гостувањето кај Фиорентина, прекинувајќи ја добрата низа од шест меча без пораз на домашниот тим.
Хоакин Кореа донесе предност за Лацио во 22. минута кога доби добра топка од Имобиле, за да го помине голманот Драговски и да ја смести топката во мрежата. ВАР-проверката покажа дека тој беше на исто ниво со последниот дефанзивец и голот не беше поништен.
Кореа имаше шанса да зголеми на 2:0 моменти подоцна, но овојпат Драговски убаво интервенираше, пред Фиорентина да израмни шест минути подоцна откако Франк Рибери имаше убав пробив, а Федерико Киеза од десетина метри не погреши.
Кога се мислеше дека мечот ќе заврши без победник, Џордан Лукаку имаше фантастично нафрлање од левата страна, а Имобиле беше осамен и со глава го совлада Драговски. Во 96. минута беше досуден пенал за Лацио по грубиот старт на Лука Раниери (кој доби црвен картон), но ударот на Каиседо заврши во рацете на голманот Драговски.
Со победата, Лацио се искачи на шестото место на табелата со 15 поени, додека Фиорентина останува деветта со 12 поени.