Легендата на Барселона и на шпанската фудбалска репрезентација, Андрес Иниеста вели дека постигнувањето на победничкиот гол во финалето на СП во 2010 му помогнало да се врати од депресијата во која беше по смртта на блискиот пријател Дани Харке во 2009 година.
Иниеста повеќе пати зборуваше за тоа колку лошо влијаела смртта на поранешниот фудбалер на Еспањол, Харке од срцев напад на само 26 години, и кога го постигна победничкиот гол во Јужна Африка во 2010 откри порака на дресот на која пишуваше: „Dani Jarque: siempre con nosotros“, односно секогаш со нас.
„За жал имав неколку несреќи во низа, иако професионално бев успешен. Но, кога мојот пријател дани почина во август 2009 година бев во толку кршлива ситуација што ми беше потребна професионална помош. Тоа беше најтешкиот период во мојот живот и среќа ја имав до мене Ана, која тогаш ми беше девојка, а сега ми е сопруга. За среќа, таа фаза е дел од минатото“, вели Иниеста во интервју за „Билд“.
Иниеста вели дека неговата приказна треба да биде предупредување за сите за сериозноста на менталното здравје.
„Чувствуваш дека тоа не си ти, дека не можеш да уживаш во работите, дека луѓето околу тебе се само луѓе. Без чувства и страст. Внатре си празен и има момент кога сфаќаш дека не можеш да изддржиш“, признава Иниеста.