Италијанскиот калчолигаш Интер одреди цена од 50 милиони евра за десниот бек Дензел Дамфрис и нема да отстапи откако беше одбиена понудата на Челси од 25 милиони евра, плус бонуси за репрезентативецот на Холандија.
„Нероаѕурите“ го ангажираа Дамфрис пред само една година од ПСВ Ајндховен за 13,7 милиони евра, но по одличната прва сезона во Серија А со пет гола и пет асистенции во 33 натпревари за миланскиот гигант, неговата цена тројно се зголеми.
До неодамна се претпоставуваше дека минималната сума што Интер би ја прифатил да го продаде Дамфрис е 40 милиони евра, но, според „Газета дело Спорт“, тренерот Симоне Инзаги не би размислувал да се раздели со играчот за помалку од 50 милиони евра, особено што преостанува малку време да му се најде квалитетна замена со оглед дека новата сезона ќе започне на 13 август.
Челси упатил понуда до Дамфрис за петгодишен договор со плата од 4 милиони евра по сезона, плус бонуси.