Сите надежи на Барселона дека ќе се случи фудбалско „чудо“ и ќе обезбедат пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите беа сурово урнати од Интер, кои со 4:0 го совладаа чешкиот тим Викторија Плзењ за да осигураат билет во елитата.
Барселона се надеваше дека Интер нема да победи, и потоа со победи вечерва против Баерн Минхен и следната недела против Викторија ќе ги „прескокнат“ Интер на табелата, но наместо тоа втора сезона во низа ќе го продолжат натпреварувањето во Лига Европа. Вечерашниот меч против Баерн станува „ревијален“.
Интер, пак, по лошиот старт на сезоната може да здивне, бидејќи има гарантирано место меѓу најдобрите 16 европски тимови. Нервозата траеше до 35. минута, кога по одличниот продор на Бастони, Хенрик Мхитарјан го постигна првиот гол, за пет минути подоцна, Един Џеко да осигура 2:0 предност. На 3:0 зголеми повторно Џеко во 66. минута, за во 85. минута, својот камбек на фудбалските терени, Ромелу Лукаку да го прослави со гол по убавата соработка со Хоакин Кореа.
Во Белгија, пак, се „урна“ митот за непобедливите Клуб Бриж, кои загубија со високи 0:4 од Порто, компликувајќи ја ситуацијата во групата Б. Бриж останува лидер со 10 поени, Порто сега има 9, а фаворитите Атлетико Мадрид имаат 4 пред вечерашниот дуел со Баер Леверкузен.