Top Sport

Интер има само уште една надеж за „скудетото“: Берарди е голем фан на „нероаѕурите“

Разврската во Серија А остана за последното коло. Актуелниот шампион Интер се надева дека лидерот Милан ќе загуби против Сасуоло, па со триумф на домашен терен против Сампдорија да го одбрани трофејот. Но, дали Сасуоло навистина може да го запре Милан кој нанижа неколку важни победи во завршницата од сезоната е големо прашање.

Медиумите во Италија веруваат дека „нероаѕурите“ сега можат да се потпрат само на еден човек. Тоа е Доменико Берарди, италијанскиот репрезентативец и одличен напаѓач кој поради добрите игри во дресот на Сасуоло се поврзуваше со трансфер во Интер или во Милан.

Тој го „смени“ Масимилијано Алегри од клупата на Милан во 2014 година, кога постигна четири гола во победата од 4-3, а во 2015 година постигна гол во победата на Сасуоло од 3-2 над Милан.

На 15 натпревари против „росонерите“, Берарди постигна 10 гола, што значи дека Милан е тимот против кој постигнал најмногу голови во Серија А. Никогаш не криел дека е голем навивач на Интер.

„Како дете уживав во игрите на „феноменот“ Роналдо, а на 15 години мој идол беше Диего Милито. Таа вечер во Мадрид кога Интер го победи Баерн Минхен и ја освои Лигата на шампионите, излегов со пријателите да славиме“, изјави Берарди пред неколку години.

Интер и Милан ги играат своите натпревари в недела од 18 часот. На Милан му е доволен и бод на гостувањето кај Сасуоло за да ја освои шампионската титула по 11 години.

Scroll to Top