Top Sport

Инзаги: Финалето беше сон, сега е реалност

Градското дерби во полуфиналето, во Лигата на шампионите ќе се одигра утре во Милано. Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, верува дека неговиот тим може да се пласира во финалето.

„Откако ја мина групната фаза против Барселона и Баерн, тимот стана свесен колку вреди и колку може. Сакаме да веруваме и да се надеваме дека овие два меча можат да ни го донесат финалето кое во август изгледаше како сон“, изјави Инзаги на прес-конференцијата.

Домаќин на првиот меч ќе биде Милан, кој најверојатно ќе биде ослабен со неиграњето на Рафаел Леао.

„Сите ги знаеме неговите квалитети, ќе бидеме внимателни ако игра, но ситуацијата со него нема да влијае на нашиот план за игра. Милан е многу добро воден тим, сме се сретнале многу пати и тие не се само стартните 11, бидејќи таму сите играат и придонесуваат“.

Тој не сакаше да ги открие имињата на стартерите за утрешниот натпревар.

„Ќе биде тешко да се избере вистинскиот тим, во средниот ред и во нападот имам можност да бирам, но на надворешните позиции со оглед на повредата на Робин Госенс имаме помалку простор за ротации. Се надеваме дека Данило Д’Амброзио ќе се опорави“, заклучи Инзаги.

Европското „Дерби Дела Мадонина“ утре ќе започне во 21 часот.

Scroll to Top