Top Sport

Инзаги: Претходните победи против Милан не ни гарантираат триумф и денеска

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, ги откри своите очекувања за „Дерби дела Мадонина“ со Милан. Стратегот се радува на победите над „росонерите“ минатата сезона, но претстојното дерби го дефинира како поинакво.

Инзаги изрази загриженост за распоредот на „нероаѕурите“, кој вклучува седум натпревари во следните нешто повеќе од три недели.

„Фратези и Барела играа заедно за време на претсезоната. Тие докажаа дека можат со Интер и со Италија. Знаеме колку е важно дербито за сите. Се надевам дека Куадрадо и Санчез ќе бидат на располагање“, изјави Симоне Инзаги.

„Горд сум што победив во неколку дербија против Милан минатата сезона, особено затоа што не одведоа во финалето на Лигата на шампионите, но она што го направивме во минатото не е доволно за да победиме сега. Милан се промени, но се држи до истите принципи“, потенцира тренерот на „нероаѕурите“.

Серијата натпревари ќе биде жестока.

„Ќе одиграме седум натпревари за 22 дена. Би сакал да ги имам сите играчи на располагање, но нема да биде лесно. Сите добро тренираат. Ќе видиме што ќе се случи“, дополни тој.

Scroll to Top